Васка Леонтиќ: Ин витро не е табу, табу е кога жената го прави тоа сама

На 11 август ќе наполни 49 години, а една недела претходно, нејзината ќеркичка ќе наполни 4 месеци. Ја роди со царски рез, после третиот обид за ин витро, а неколку години откако нејзината природна бременост завршила несреќно поради лекарска грешка. Жената која во јавноста е позната како  сопственичка на студио и на Академија Леонтиќ, не ги послуша оние кои ѝ зборуваа дека кога има кариера, не ѝ треба дете и после долг и мачен процес, стана вистинска самохрана мајка на сега две ипол месечната Анна Портија Бјанка Леонтиќ.

0
23066

„Поретко, да не кажам воопшто, за инвитрото не сакаат да зборуваат девојки и жени како мене, кои сами, по пат на купена сперма се одлучиле да го направат процесот на оплодување. Дури кога зборувам за ова, често ми велат: ‘ќути, не зборувај, знаеш какви се луѓето’!

Искрено, тоа замолчување ме иритираше повеќе отколку целиот процес. Јас сум јавна личност на возраст од 48 години, ин витрото ми успеа од третиот обид и не можам да лажам и да се преправам дека бременоста се случила по природен пат или да измислувам дека постоел некој партнер. Ние сме мала средина, сѐ се знае и се дознава, особено откако ќе поминеш низ толку институции и перипетии низ колку што поминав јас и откако ќе потпишеш толку документи колку што потпишав. И на сите со кои говорев на оваа тема им беше чудно колку сум отворена за разговор, па имав чувство дека ме слушаа со недоверба и дека повеќе ќе ми веруваа ако ги лажев. Секогаш велев и сѐ уште велам, за кариера и за љубов секогаш има време, но за да се создаде едно слатко битие, за жал, жената е ограничена, па макар и со сите најнови методи, не секогаш и кај секого успева.Треба многу трпение и упорност“, ја почнува својата приказна нашата соговорничка и новопечена мајка Васка Леонтиќ, во јавноста позната како стилист, едукатор, основач и директор на приватното средно училиште „Академија Леонтиќ“ и сопственичка на Студио Леонтиќ.

Васка Леонтиќ повеќе од две децении успешно ја гради својата кариера во козметичката индустрија и доследно ги следи и ги применува сите нови и модерни текови, новитети и алатки на работа. Иако со веќе сериозно искуство зад себе, не запира ниту во сопственото едуцирање. Постојано е во тек со европските проекти, професионално се надоградува по светски трендови и неуморно ја издигнува својата експертиза на највисоко ниво, следејќи обуки, семинари, презентации и саеми на модата за фризери, козметичари и шминкери во светските модни центри. Иако многумина ѝ велеле дека покрај ваква кариера, не ѝ треба тој „луксуз“ да станува и мајка, истрајала во својата долготрајна и макотрпна борба и на 4.април ја родила својата ќеркичка Анна Портија Бјанка Леонтиќ.

„Сите ме прашуваат зошто три имиња и што значат тие…па еве да објаснам:

Анна – е моето омилено име и како дете се претставував како Ани и така ме викаа се до тинејџерските години. Ана се викала и мојата прабаба, а и средната сестра на татко ми која починала како дете.

Портија – е местото кадешто пред 6 години се заветив дека ако некогаш имам дете ќе одам по пет стази на колена, во светото место Фатима, во Португалија (Портија е кратенка од Португалија).

Бјанка – на крај од операцијата тешко се освестував, сѐ слушав, но не можев да дишам. Еден период само ми ја донесоа Анна да ја видам, во бело, со бела пелена над неа, ја допреа до мене да ја бакнам, а таа беше толку бела и чиста, како ангел“, ни објаснува Васка и продолжува:

„Во мојот живот сѐ се случува со причина и за сѐ има приказна. Досега воопшто не сум сакала, ниту сакам да говорам за приватноста, но ова е сосема поинакво искуство и би сакала искрено да им помогнам на многу девојки, жени кои се откажале по неколку неуспешни обиди за ин витро, кои се  двоумат или се плашат да го направат овој чекор на кој јас се одлучив. Се надевам интервјуто ќе помогне некому или ќе поттикне некого да истрае во оваа тешка борба за мајчинство.

Првиот пат кога останав бремена бев најсреќната жена на свет, својата состојба да можев ќе ја огласев насекаде. Се случи  со човекот кого го љубев. И двајцата сакавме многу деца. Забременив по природен пат на мои 38.години. За жал, таа бременост заврши. Не знаев дека во 28.недела треба да примам инјекција бидејќи мојата крвна група беше О-РХ негатив.Тогаш никој од лекарите не ми спомна, ниту ме прашаа за мојата крвна група. Во текот на целата бременост им верував безусловно, особено затоа што стануваше збор за најпрестижната приватна болница во градот и не ни помислував на најлошото сценарио.

Од тогаш мојот живот се промени. По загубата на моето бебе, бев во тешка депресија, но не дозволував никој да го забележи тоа освен моето семејство, тогашното момче и мојот тим на работа кои одблиску го гледаа моето страдање. Во такви моменти никој не може да ви помогне освен самите. Во тој период најмногу ми помогна пешачењето на Водно и сите книги кои ги читав од областа на психологијата.

Со партнерот раскинавме четири месеци по загубата на бебето. Невозможно беше тој да живее со мене, јас не си бев поднослива на самата себеси, не пак на другите. Од тој период сакав да избришам буквално сѐ, па дури и фирмата да пропаднеше, не размислував, ѝ се препуштив на ситуацијата и на времето. Се обвинував себеси за тоа што се случи. Во тој период, за да го одвлечам вниманието од таа за мене болна тема, посебно се грижев за својот стил и имиџ, бев посебно  внимателна со својот изглед, се грижев да не се поправам, ја следев  модата до последниот детал, сѐ да биде средено и во тренд.

Поминаа 6 години додека повторно можев да почнам со процесот за забременување. Шест години се мачев да ги отргнам антителата од телото, наследени поради инјекцијата што не ја примив. Сѐ додека не ги исчистив антителата, не можев да го започнам  процесот за забременување, а со тоа ги изгубив „најубавите“, последни години за забременување.

Овојпат, сиот пат го изодев сама, не сретнав партнер што исто така посакува да има дете како мене, а не сакав да бидам со некого само колку да се знае кој е таткото на детето. Сакав да се случи со човек кој го љубам, особено кога го имав првото искуство, потоа не правев компромис со било кој и под било кои услови.

Се распрашав како оди да се купи сперма од банка, кои се условите и самиот процес. За жал, не беше едноставно како што си замислував. Купив сперма и од две банки. Не сакам да говорам за сиот непрофесионален однос и површност на институциите додека ја подготвував папирологијата  и сета документација за да ја купам спермата. Многу време одзема подготовката на сите прегледи кои се потребни за процесот на инвитро, документацијата која треба да се подготви не треба да биде постара од шест месеци и при купувањето на материјалот се чека многу, посетата на психолог е проформа, но затоа додека сте таму и само едно неадекватно прашање може да ви ја уништи желбата по која сте тргнале. Додека сте ги извадиле едните документи, поминале шест месеци и повеќе не ви важат другите и повторно од почеток.

За целиот процес на ин витро, одев во приватната болница РЕМЕДИКА кај доктор Зоран Петановски, презадоволна од односот и целиот тим со него многу ми помогнаа.За време и пред процесот на ин витрото, за мене најтежок период беше примањето на  хормоналните терапии и други попатни терапии кои морав да ги примам пред и за време на бременоста. Со првиот обид за ин витро не бев многу сериозна и не се придржував строго кон терапиите, не ги примав редовно, не го следев времето, заборавав да се напијам или го испуштав терминот, најтешко ја поднесов хормоналната терапија. За вториот обид ја сменив болницата и гинекологот и терапијата овде беше полесна, но обидот беше повторно неуспешен. Веќе третиот обид за ин витро повторно се вратив кај првиот лекар и најдисциплинирано се придржував до сите упатства.

Не бев среќна, ниту верував дека ќе биде успешен и си реков дека е ова последен пат бидејќи веќе не можев да ги поднесам хормонските терапии. Додека се подготвував, низ болниците запознав прекрасни девојки, жени со кои ги споделивме истите искуства, верувајте, тие најмногу ми помогнаа со своите совети, а некои од нив имаа дури и по 15 обиди да забременат.

Иако овој трет обид беше успешен, некако не можев да се радувам, напротив, чувствував огромен страв и доколку почнеше да се говори на таа тема избегнував или само куртоазно ќе одговорев, сѐ додека не почна да се познава стомачето. Искрено, не верував дека ќе успее и очекував дека ќе го изгубам плодот или подоцна бебето или пак дека ќе се случи нешто со мене. На секои половина час одев до тоалет да проверам дали крварам и кога прокрварев, кренав раце, но и таа фаза помина. Сите амбуланти, приватни, јавни, нема кој не ме познава поради терапиите кои мора навремено да се примат, па сум одела и на полноќ и во ниедно време и многу сум им благодарна на сите.

Сепак, не можев да се опуштам и едноставно не ми доаѓаше да се радувам,бременоста ми беше многу тешка. Само ми беше жал за бебчето, зашто јас не ја споделував радоста барем со него. Сите велеа: зборувај му, читај му, слушајте музика, тоа чувствува и во стомакот. Јас ништо од сето тоа, толку многу бев нервозна и под стрес, воопшто не верував во добар исход, многу време помина и сѐ уште, и откако се породив, тоа чувство од време на време ми се појавува. Првите четири месеци од бременоста ми се лошеше, но беше подносливо, но од петтиот месец па до крајот на бременоста, за мене беше пеколен период. Од секоја храна, па дури и од водата што ја пиев повраќав и колабрирав, а бебчето не напредуваше, беше со  мала килажа, сѐ до крај на 7-ми месец. На крајот ја открија причината зошто не можев да јадам и зошто немав апетит, а сѐ што јадев имаше вкус на метал – вишок на калиум во крвта. Драмата продолжуваше, па понатаму ми открија состојба, која е многу ретка, а тоа е дека имам плацента премија тоталис.

Да бидам искрена, воопшто не се однесував сериозно кон целата состојба, кога лекарите ме предупредуваа што може да биде најлошото сценарио, на крај од бременоста толку се опуштив, што си велев во себе, штом издржав дотука, сега не може полошо да биде освен да се породам предвреме.

Овојпат, подучена од претходното лошо искуство,одев паралелно на прегледи и во приватната болница каде го направија ин витрото, но сите прегледи и лабораториски испитувања ги правев во Државната клиника.

Не се знаеше дали ќе ја издржам 26. недела, 27.недела…а јас се породив дента, на 38. недела.Сите сиптоми што ми ги споменаа дека ќе се случат, се случија, но за среќа не дома, туку два дена пред породување ме хоспитализираа и сите испитувања ги завршија за време на тој период. Вечерта пред да се породам притисокот ми се качи многу висок, а беше констатно висок и претходно, иако нормално имам низок притисок.

Најголемиот притисок ми се создаде, кога требаше да се одлучам каде да се пораѓам, дали повторно да одам во приватните болници или во Државната клиника. Се одлучив за Државна и морам да го споделам моето позитивно искуство од таму. Породувањето беше со царски рез, ме пораѓаше Началникот на родилна сала, специјалист гинеколог акушер, Асс. д-р Горан Кочовски, заедно со специјалист гинеколог акушер Асс. д-р Кети Дудевска, која се грижеше за мене за време на сите прегледи пред породувањето, за време на породувањето и по него, и анестезиолог д-р Сашо Спасовски.

Имав многу тешка операција која траеше 6-8 часа, едната страна од плацентата се одвои, другата не. Се обидуваа да ја остранат, но неуспешно. Потпишав за ваква создадена ситуација да направат отстранување на матката. Мојот живот и животот на бебето беа во опасност. Претходната вечер имав многу висок притисок, а утрото, во 6 часот пред породувањето, ми прсна водењакот, изгубив многу крв. Поради тоа не ме оперираа со целосна анестезија. Морам да кажам дека сите беа подготвени за тешки ситуации и сите дадоа максимум од себе да биде сѐ во најдобар ред со мене и бебето.

Така на крај сѐ се заврши добро и останавме 12 дена во болница за да закрепнеме и двете“, ни го прераскажа во детали своето трауматично искуство Васка.

За својот одлука пак, да стане самохрана мајка со ин витро и на оваа возраст, таа вели: „Ин витрото е веќе нормална појава за жените кои се во брак бидејќи сѐ поретко забременуваат по природен пат, но проблем е ин витрото за девојки и жени кои одлучуваат да забременат надвор од семејна заедница. Тие се плашат од средината, од тоа како ќе бидат прифатени, како ќе реагира  околината кон детето кога ќе расте, не сакаат да зборуваат јавно и кријат, а тоа е дополнителен стрес при самиот процес. Болниците немаат добра подготовка за овој тип на родилки. Сите се третираат исто како тие кои се со партнери и сопружници, дури им е чудно кога ќе кажете дека сте сами во болница, дека никој не ве придружува. Многу фактори се во прашање за успешно ин витро, но еден од најбитните, а на кој никој не обрнува внимание, е претходната подготовка на телото, исхраната, доволна резерва на витамини, крвната слика и спокој, мир со себе и со околината. А најважна е состојбата на духот, ако не се размислува што ќе каже околината, ако сте се подготвиле како тоа ќе му го соопштите на детето, дека има биолошки татко, но дека нема да може никогаш да го запознае, дека можеби ќе има татко кој ќе ја одгледа, но може и никогаш да го нема тој модел за татко.

Ова се само еден дел од подготовките, но најбитно е да се минимизира било каков стрес и пред и за време на бременоста“, вели Леонтиќ.

Инаку, таа е самостојна, голем индивидуалец и борец во секој поглед, па таква била и за овој случај.

„Јас најдобро функционирам сама, дури кога ќе ми се понуди помош, станувам нервозна и не знам како да се однесувам во такви ситуации. Сиот период, па дури и на породување отидов сама, на ниеден преглед, буквално ни за време на трансферот, никогаш не повикав некого со мене. Јас воопшто не говорев за ситуацијата во тој период, а и кога говорев сите се чудеа и ми велеа што ми треба сега тоа, што ми текнало на овие години да го правам ова, го сметаа како еден од моите хирови, како кога купувам скапи чевли. Е токму во овој период ви е потребна најголема поддршка, не од роднините, пријателите или семејството, туку од институцијата кадешто го правите ин витрото. Болницата треба да ви ја даде најголемата поддршка и да организира така да не одиме дома по трансферот,туку тие три-четири дена да се лежи во болница, бидејќи дома е поголем стресот. Кај мене на пример, возрасни родители кои не се согласуваат со идејата, се плашат за сопствениот живот и староста, а кога ме видоа во таква состојба, не им беше баш драго. Не секое семејство се радува на одлуката, родителите се свесни за опасноста на хормоналната терапија и стравуваат многу за своето дете и во таков период не размислуваат за желбите на својата ќерка или сестра и во  такви негативни ситуации, се пренесува и стресот. Токму поради тоа велам, болниците имаат организирано само за семејни ситуации, но не и за пациенти кои се буквално сами во овој процес. Бидејќи кога ин витрото го прават семејни жени, во семејството сите се радуваат и се во големо исчекување на резултатите, додека кај оние кои се сами, поддршката не секогаш ја има.

Јас не сум навикната некој да се грижи за мене. Само еднаш сестра ми дојде да ме однесе во болница и тоа кога колабрирав во шести месец и еднаш го повикав брат ми дома кога паднав и се онесвестив и тоа беше сѐ.

Не дозволив посети во болница кога се породив, освен сестра ми и брат ми со сопругата и мојата асистентка, никој друг не дозволив да дојде, а и тоа само кога беше потребно да ми се донесе нешто. Во таков период ви треба добар совет од лекар, што понатаму, спокој, одмор и мир.

Во ваква тешка физичка и тешка ситуација, најмногу ми помогнаа да успеам и да истраам инаетот, упорноста и тврдоглавоста.

Иако за време на бременоста едвај одев, ми отекоа нозете, имав огромни болки и не можев да стапнам на нога, а не ме собираше ниту еден чевел, живеев на 4 спрат без лифт, сепак, и во таква состојба се движев и работев до последен ден.

Не можам да кажам дека имав некоја посебна поддршка, но јас и онака не слушав никого, ни за добро ни за лошо. Штом јас сум расчистила со самата себеси, ништо не може да ме расколеба. Некои беа и толку смели да ми кажат што ќе ми е дете кога имам кариера и дека треба да бирам или кариера или дете, невозможно било и едното и другото. Се изнаслушав сѐ и сешто, но најмногу се слушав самата себеси, моите потреби и желби, а најмногу од сѐ ја следев мојата интуиција која никогаш не ме издала.

Поддршката ја имам сега од кога сѐ се заврши, кога ја гледаат Анна и сите ѝ се радуваат. Морам да напоменам, најголемата помош и поддршка за време на бременоста и по породувањето ја имам од моето семејство.Татко ми кој со толкав страв ме гледаше и секогаш ќе нафрлеше по некој совет што слушнал на ТВ, но воздржан, воспитан во традиционален дух, а патем живел 36 години во Германија и ги прифатил сите трендови на денешницата и модерната технологија и начин на живот, мајка ми – искусна, родила три деца, сестра ми -која не умее да ја искаже својата љубов, затворена, но најтопла и најкритична беше во тој период и многу ѝ се радува на Анна, брат ми и снаа ми кои беа растрчани да помогнат во било кое време, потоа мојата асистентка Афродита Тодоровска со придружничката Росица, која точно знаеше без да ме праша што се случува со мене и во добри и во тешки ситуации да ме смири без ниеден збор. Целиот тим на работа се радуваат и најмногу помагаат околу Анна. И огромна благодарност до моите клиенти, кои  ме поддржаа за време на бременоста, а и сега. Мислам дека откако се роди, Анна не зближи сите многу“, признава Васка.

Иако поминаа два ипол месеци од раѓањето на Анна, таа вели дека сѐ уште не може да се навикне на новата улога.

„Јас сѐ уште не се чувствувам како мајка. Дури на почеток ѝ се обраќав на Анна со „тетино, на тета убавица“, бидејќи 19 години се обраќав кон внукот со тоа „на тета, тетино“, и тој ни беше единствено бебе во домот. Очигледно, мајчинскиот инстикт се појавува подоцна, а во моментот кај мене е најголемо чувството на голема одговорност и грижа, а јас имам двојна одговорност бидејќи за сѐ морам да одлучувам сама, а тоа не е воопшто едноставно.

Но едно знам, покрај мене го имам најубавото нешто што може да постои, да ја гушкам нон-стоп, да ја разгалувам до бескрај и да ѝ ја давам безусловно сета љубов што постоела  во мене досега“, вели таа и признава дека првите денови ѝ било најтешко.

„На почеток плачеше многу, имаше грчеви во стомачето, а јас не знаве до каде е во ред да плаче, кога е опасно, бев повеќе во стрес и паника да не ѝ се случи нешто, дури имаше ситуаци на почеток таа да плаче и јас да плачам со неа. Буквално имав чувство дека е готово, дека не дише, па им ѕвонев во болница кадешто ја чуваа додека јас лежев во шок соба. Но сега веќе имаме ред, се знае што е ноќ, а што е ден, плаче кога е гладна или кога треба да се пресоблече. Ја дојам и прехранувам, бидејќи сум породена со царски рез, во еден ден две операции и млекото доаѓа подоцна. Редовно одиме на контроли, но добредојден е и секој совет од пријателките, другарките, клиентите. Помошта во текот на денот е организирана такашто од 10 до 18 часот ми помагаат асистентките, а од 18 часот до наутро, до 10 часот, сме сосема сами.

За време на викендите ми помага моја школска другарка Димка, која многу умее со деца и е смирена, па и Анна е многу смирена покрај неа. Моите родители се возрасни и тие се тука само да ја разгалуваат и да ѝ дадат љубов, а за жал тоа го можеме само за време на државни или верски празници, неработни денови и за време на викендите. Сега сме ангажирани да најдеме жена која ќе ја чува Анна бидејќи од септември моите активности со започнување на обуките за Моден стилизам стануваат сѐ потешки за организација“, завршува Васка и вели: „Кариерата и работата се мојата прва љубов, но тие понекогаш не прават онакви какви што не сакаме да бидеме за да може да успеат и да се одржат. Сега Анна ме менува од ден на ден и прави да бидам подобра личност“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]