Бремени сте, а не го сакавте тоа, имавте спонтан абортус? Не сте сами!

„Според искуството од нашето работење, абортусот во Македонија сè уште се користи како контрацептивна метода, а малолетничката бременост во последните 2-3 години е во значителен пораст. Ние веќе 7 години нудиме бесплатно советување во моментите на непланирана бременост и репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус)“, вели нашата соговорничка Александра Петровска психолог, семеен и системски советник во организацијата „Лидија-срце што чука“.

0
562

Организацијата „Лидија-срце што чука“ веќе 7 години нуди бесплатно советување во моментите на непланирана бременост и репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус).

„Многу жени во моментот на непланирана бременост или репродуктивна загуба се соочуваат со страв, паника, отфрленост, неприфаќање и осуда. Веруваме дека токму во тие моменти, на жената, како и на нејзиниот партнер и семејството, она што најмногу им е потребно е прифаќање, разбирање, разговор и поддршка. Во нашите два центри  жените можат да добијат бесплатно советување во моментите на непланирана бременост и репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус). Исто така, психолошка помош и поддршка може да добијат и преку учество во групите за поддршка на жени кои поминале низ такво искуство“, вели нашата соговорничка Александра Петровска психолог, семеен и системски советник во оваа организација.

Зборувавме со неа за дејствувањето на „Лидија-срце што чука“, за нејзиното значење, како и за оние случаи од нивната пракса кои им оставиле најголем впечаток.

Од кога постои вашата организација и кој е оновач, колку луѓе сте вклучени во целата „приказна“?

„Лидија – Срце што чука“ постои веќе 7 години.  Организацијата е снована во март 2012, а првиот центар е отворен во септември истата година, во Штип. Во март 2015 се отвори и вториот центар на „Лидија“, во Скопје. Основач на организацијата е Светлана Јованова, којашто во моментот е и директор на двата центри. Нашиот тим се состои од 4 луѓе, меѓу кои имаме психолог и две медицински сестри. Истовремено имаме и неколку волонтери кои повремено се вклучуваат во нашите активности.

Од каде идејата да формирате ваква организација?

Идејата за формирање на една ваква организација како што е „Лидија“ се роди токму од нашите согледувања на потребите на општеството во кое живееме. Во нашата земја, стапката на абортуси беше и сѐ уште е навистина голема.

Сметаме дека со постоењето на место за советување како што е „Лидија“, на жената ѝ овозможуваме да го оствари своето право да биде добро информирана за сѐ она што е поврзано со нејзината бременост и со сите опции кои ги има пред себе, како и да добие поддршка низ процесот на справување со искуството на репродуктивна загуба.

Исто така, една од нашите цели е и преку нашите активности да ја промовираме вредноста на животот и правото на живот пред и после раѓањето на личноста.

Дали има доста заинтересирани досега и дали се тоа почесто оние кои се соочуваат со несакана бременост или пак оние кои доживеале спонтан абортус?

Од самиот почеток, па сè досега имаме остварено контакт со повеќе од 600 жени. Повеќето од нив се жени кои се соочиле со непланирана бременост. Последните 2-3 години, покрај индивидуалните советувања во двата центри, многу од жените ја користат и нашата Фејсбук страна како место кадешто можат да се посоветуваат за работи што им претставуваат грижа во врска со нивната бременост, да побараат помош и поддршка при родителствувањето и слично.

Од нашето досегашно искуство и пракса, поголемиот број жени  кои се соочиле со непланирана бременост се на возраст од 20 до 38 години, а многу од нив се веќе во брак и имаат едно или повеќе деца. Малолетничката бременост долг период не беше честа појава, но во последните 2-3 години случаите на непланирана бременост токму кај оваа група бележи значителен пораст.

За жал, во нашата држава немаме официјални статистики во однос на тоа колкав е процентот на жени кои се соочиле со непланирана бременост и спонтан абортус. Но, она што можеме да го заклучиме од нашата секојдневна работа е дека многу често тие две категории не можат така лесно да се разграничат. Многу често се случува жените кои ќе донесат одлука за прекин на бременоста, подоцна да искусат спонтани абортуси, или спонтаните абортуси да претходат на непланирана бременост при која жената и покрај сите предизвици и околности во кои се наоѓа, ќе одлучи да стане родител. Нешто што сметаме дека како податок е многу важно е и фактот дека во Македонија сè уште абортусот се користи како контрацептивна метода, особено во помалите места. Сметаме дека тоа е така, бидејќи сѐ уште постои недоволно познавање и информираност за можностите за заштита од непланирана бременост и нивното непрактикување.

Дали можете да ни кажете за некој случај од вашиот досегашен ангажман кој ви оставил најголем впечаток?

Еден од многуте случаи од нашата пракса кој ни остави голем впечаток е „приказната“ на една од нашите клиентки.

Тој ден на советување дојде жена на возраст од 40 години. Таа е во брак и има 2 поголеми деца. Во моментот беше бремена со близнаци. Поради нејзината возраст, беше исплашена како ќе им соопшти на најблиските за бременоста, особено на нејзината ќерка – тинејџер за која бременоста на нејзината мајка претставуваше срам. Што ли ќе си помислат пријателите, роднините, соседите, за нив како семејство? Жена на 40 години да раѓа? Две деца, па уште и близнаци?

Исто така, ова семејство веќе се соочуваше со финансиски проблеми, а сега пред нив стоеше уште поголем финансиски предизвик. За време на разговорот со нашиот советник таа имаше можност да добие повеќе информации за сите опции и можности кои ги има пред себе, како и за помошта што во тој момент ја даваше Владата за секое трето дете,  како и за практичната помош и поддршка која „Лидија“ ја нуди. Таа претходно не беше добро информирана за помошта што ѝ стои на располагање и беше преплавена од позитивни емоции и радост кога пред неа се отвори можноста да си ги задржи бебињата. Во еден момент ни сподели дека додека одела по патот кон болницата, постојано се молела во себе нешто да ја спречи за да не направи абортус.

По разговорот таа се почувствува охрабрена и радоста на нејзиното лице не можеше да се скрие. Неколку месеци подоцна, нашиот тим го посети ова семејство, носејќи им ја помошта која им беше неопходна. Кога се родија овие две прекрасни близначиња, нивното семејство беше пресреќно! Секогаш кога имаме прилика да ги посетиме или да позборуваме со нив, тие не го кријат нивното задоволство и нивната благодарност до „Лидија“ за советите, охрабрувањето и помошта што им ја пруживме во моментите кога им беше најтешко.

Дали функционираат во пракса групите за поддршка?

Групите за поддршка се еден од начините како луѓето може да добијат поддршка, разбирање, прифаќање, како и охрабрување и утеха од луѓе кои делат слични приказни како нивната. Ваквата форма на помош и поддршка во нашето општество сè уште не е застапена како што е случај и пример надвор во светот, но сè почесто е присутна и им се нуди на лицата кои бараат психолошка поддршка и помош. Она што го отежнува формирањето на ваквите групи е и мислењето кое сè уште владее меѓу нашиот народ воопшто околу барањето на стручна помош. Луѓето се сè уште скептични како ќе бидат прифатени, дали навистина тоа може да им помогне, колку тоа е доверливо и слично. Сепак, многу нешта веќе се менуваат и ваквото размислување полека, но сигурно се напушта, особено од страна на помладите генерации.

„Лидија“ во моментот е во процес на оформување на групи за поддршка на жени кои поминале низ искуство на репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус).  Сметаме дека учеството на жените во групите може да им помогне подобро да се разберат себеси, своите емоции и однесување, нудејќи им вештини како да се справат со загубата и како да ја прифатат истата.

Дали ви се обраќаат само жени или има и случаи кога поддршка или совет побарале и мажи?

Во нашиот центар многу почесто поддршка или совет бараат жени, бидејќи и самите услуги кои ги нудиме како центар се токму фокусирани на жените и нивните потреби. Сепак, многу пати сме имале прилика и простор да пружиме советување и на мажи кои се обратиле за помош во нашиот центар. Имаме и примери кога партнерите доаѓале и заедно на советување. Во иднина, кога би имале поголем капацитет и можности, би сакале да бидеме место за советување кадешто жените и мажите, па и целото семејство би можеле да добијат стручна помош и поддршка.

На кој начин се финансирате и кои се вашите цели, идни планови, ангажмани?

Финансирањето на нашиот центар се одвива преку донации коишто пристигнуваат од повеќе организации или индивидуи кои ја поддржуваат нашата работа. Често пати добиваме донации во вид на облека, пелени и бебешка козметика од луѓе кои ја препознаваат важноста на нашата работа и сакаат на овој начин да се вклучат во помагање на семејствата кои се обраќаат за помош во „Лидија“. Она што луѓето сакаат да го донираат, а е добро сочувано и употребливо е секогаш добредојдено. Нивната мала помош прави голема разлика за семејствата кои се наоѓаат во тешка финансиска состојба.

Во однос на нашите идни планови и активности, како што веќе напоменавме овој период сме фокусирани на оформување на групите за поддршка на жени кои поминале низ искуство на репродуктивна загуба (абортус и спонтан абортус). Повеќе информации за програмата може да се најдат на нашата Фејсбук страна или на нашата веб-страна lidija.com.mk. Исто така, наскоро планираме да одржиме и неколку работилници на тема „Загуби. Како да се справиме со истите?“ во Штип и во Скопје. Секако, паралелно продолжуваме со она што досега го правевме, а тоа е бесплатното советување при непланирана бременост. Во иднина се надеваме дека како организација ќе имаме можност да растеме и да ги прошириме услугите кои веќе ги нудиме. Дотогаш, продолжуваме да го работиме она што веќе го започнавме.

И на крајот, зошто токму „Лидија-срце што чука“?

Името „Лидија“ го земавме како симбол за тоа што може да направи една жена. Лидија е спомената во Библијата како првата христијанка во Европа чиј дом бил првиот европски храм во кој проповедале апостол Павле и евангелистот Лука. Таа го прифаќа христијанството и продолжува понатаму да го шири и успева со ширењето на христијанството да направи промени во тоа општество. Лидија била првата Македонка-христијанка, а центарот „Лидија“ е првиот, и засега единствен центар за советување на жени со непланирана бременост и репродуктивна загуба во Македонија. Ако Лидија можела да промени човечки животи пред 2000 години, центарот „Лидија“, дефинитивно, може да го направи и го прави тоа 2000 години подоцна. Останатиот дел од името – Срце што чука, исто така си има свое значење. Претпоставувате кое е…срцето на бебето почнува да чука во 18. ден од зачнувањето. Во тие моменти, жената сè уште не знае дека е бремена, а во неа веќе чука уште едно срце.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]