Биба Додева: Кога почнав со Борка, не ни сонував дека толку многу ќе загазам

Пред 1 година и 3 месеци стана баба, а само 10 дена подоцна, ја загуби мајка си, откако заеднички, цели 12 години ја биеја битката со ракот. „Тоа беше еден од моментите кога си помислив да се повлечам и да се откажам од се“, вели Биба... Но не се откажа, и здружението Борка и годинава, по десетти пат, го одржа маршот „Напред розово“.

0
2748

Само неколку дена по манифестацијата „Напред розово“, со која веќе десет години здружението „Борка“ и Македонија се дел од големото светско семејство на борци против ракот на дојка, зборувавме со претседателката на ова здружение, пејачката Биба Додева.

Пред да почнеме со разговорот за „Борка“, за почетоците, но и за достигнувањата на ова здружение, Биба ни кажа и збор-два за тоа какво е чувството да се биде млада баба и за секојдневјето кое го живее со својата ќерка Емануела и внукот Александар.

Убав на баба

„Прекрасно е да се биде баба. Внук ми има 1 година и 3 месеци и ист е како мене, носето, образите, очите, сѐ. Се разбира, јас сум многу горда и среќна. Ќерка ми понекогаш знае да ми каже: ’Мамо, ти баш како баба се однесуваш!’

А јас ѝ велам, па како да се однесувам кога сум баба! И така, како вистинска баба понекогаш знам да ѝ кажам: ’Облечи му чорапчиња, ќе настине’“, се смее Биба.

Таа и нејзината ќерка Емануела имаат многу близок однос, особено со оглед на тоа што, како што вели, поголемиот дел од животот го поминале сами, па истата љубов која ја чувствува за ќерка си, сега ја има и кон малиот Александар.

„Не можам да ја разграничам мојата љубов кон Ема и онаа кон Александар. Исто ги сакам и двајцата, премногу ги сакам и тие двајца се она што ме мотивира да направам нешто повеќе и за себе и за нив и за сите, затоа што, нели, баба треба да е пример за сѐ. И Александар ја чувствува таа љубов. Инаку, прв збор му беше баба, а сега, како втора фаза, го учиме како е името на баба. Морам да кажам и дека сум изненадена од посветеноста на Емануела па некогаш дури ѝ велам дека е подобра мајка од мене бидејќи јас многу почесто, поради кариерата, ја оставав кога беше мала, а таа и студира и работи и го чува, и навистина ме импресионира нејзината енергија и начинот на кој му е посветена на Александар, мило ми е кога ги гледам двајцата среќни“, вели Биба.

Таа пак, и покрај големиот ангажман во здружението и со внукот, наскоро има намера и повторно да влезе во студио и да сними нова песна.

Но тоа сигурно нема да биде овој месец кога е целосно посветена на одбележувањето на октомври-месецот на борба против ракот на дојка.

Трагични приказни и жестоки борби

„Никој не знае што точно го предизвикува ракот, храната, воздухот, пушењето, начинот на живот, има еден куп причинители и секој од нас е потенцијален пациент кој може да заболи од рак. Од институтот „Џон Хопкинс“ од Балтимор по завршување на истражувањето за тоа што всушност го предизвикува ракот, соопштија дека „за да добиеш рак треба да имаш лоша среќа“, вели Биба која потенцира дека тие како здружение прават сѐ за да им го олеснат и продолжат животот на заболените и на нивните семејства, бидејќи, како што вели, ракот не е болест на поединецот, туку заедно со болниот боледува и се бори целото семејство, пријателите, роднините. А таа тоа го знае многу добро бидејќи заедно со својата мајка Олгица Јанева цели 12 години се бореше против ракот.

Мајката на Биба почина само 10 дена по најрадосниот ден, денот кога се роди малечкиот Александар и тоа е еден од оние денови кога таа посакала да се откаже и да крене раце од сѐ.

„Луѓето мислат дека кога си секојдневно соочен со многу приказни врзани со ракот, некако отрпнуваш, но не е така. Сите ние во здружението се потресуваме од секоја нова приказна, од секоја одделна борба, од секој индивидуален пораз и ѝ се радуваме на секоја победа. Понекогаш самата си велам: ‚Боже дај ми сила, има многу луѓе на кои треба да им се помогне, не смеам да потклекнам. А јас точно знам како се чувствуваат сите тие луѓе кои се соочуваат со оваа болест која веќе доби размери на епидемија, знам низ што поминуваат. Другарка ми ми умре на раце, а потоа ми почина и друга другарка, и други луѓе што ги сакав, а ете, пред 15 месеци си замина и мајка ми. Тогаш бев на чекор да се откажам од мојата борба и да кренам раце од сѐ, ама еве тука сум. Си викам, сѐ додека еден човек можеш да спасиш и да му помогнеш, има смисол ова што го работиш. На сите ни доаѓаат понекогаш такви моменти, секојдневно се соочуваме со многу тешки приказни, а не сме семоќни. Ние сме сепак само невладино здружение и не го креираме здравствениот систем, но правиме сѐ за да го смениме.

Иако сето ова почна само само како идеја дека јас по примерот на многу светски ѕвезди ќе се обидам да го свртам вниманието, да ја потенцирам потребата за рана дијагноза и да ја подигнам свесноста за оваа тема, не ни сонував дека толку ќе загазам и дека ќе навлезам толку длабоко во оваа проблематика, дека ќе имам еден куп тренинзи и дека ќе го менувам здравствениот систем“, искрена е Биба.

„Јас сум Борка“

Биба и нејзините соборци од „Борка“, или како што се нарекуваат самите – Борки, се страдалници и секое ново дијагностицирање многу влијае врз нив бидејќи знаат што значи тоа и колку е тешка таа борба за целото семејство. А раширеноста на болеста е веќе алармантна и добива епидемиолошки размери во светски рамки.

„Она на што може да влијаеме е овие луѓе да останат што подолго со нас, да им се овозможи навремена дијагноза, најсовремени третмани, хируршки операции и на крај, достоинствено заминување, односно, палијативна нега која исто така ни е на многу ниско ниво. Сепак, многу ми е драго што луѓето се осмелија да зборуваат јавно за ракот и тој повеќе не е и не смее да биде табу тема, луѓето што се соочуваат со оваа болест не смеат да бидат дискриминирани. Затоа ми е драго кога сами себеси се нарекуваат Борка, иако некои од нив не знаат ни каде ни се канцелариите ниту пак некогаш дошле кај нас, а се чувствуваат како Борка, бидејќи тоа име стана синоним за храброст и подготвеност да се фатиш во костец со ракот и да се избориш.

Многу луѓе ни се обраќаат и на телефонската линија на која работи стручно лице-психолог, но и нашите волонтерки кои со нив го споделуваат своето лично искуство како страдалници. Некогаш ни пишуваат и на фејсбук бидејќи им е полесно да го напишат тоа со што се соочуваат отколку да дојдат и да го изговорат, но и тука се чувствува нивната болка. Ги посетуваме новозаболените на клиниката за торакална хирургија и оние кои примаат хемотерапија на Клиниката за онкологија. Сега ќе добиеме и соба во која ќе можат да доаѓаат волонтери од сите здруженија и да им помагаат на луѓето на лице место. Тоа е нешто за што нашето здружение долго се бореше.

Исто така, досега над 900 жени имаат користено наши перики кои се уште не се на товар на Фондот и не секоја жена има можност да си ја дозволи. Сега се надеваме и дека нашите преговори со Фондот за здравствено осигурување ќе вродат со плод и жените ќе добијат бесплатен градник и протеза која порано ја менуваа на 2 години, а ние се договоривме да ја добиваат еднаш во годината. Исто преговараме да се стави на товар на Фондот и ракавицата за лимфидема од која имаат потреба голем број жени оперирани од рак на дојка или со целосна мастектомија на кои им се вадат лимфните жлезди.

Кај нас во здружението неодамна имавме и предавање за реконструкција по мастектомија, за кое жените пројавија голем интерес. Докторите Софија Пејкова и Боро Џонов, убаво објаснија сѐ за ова, не розово, туку реално. И реконструкцијата на дојките е една од работите за кои ние како здружение се изборивме да биде ставена на товар на Фондот. Но постојат многу критериуми кога, како и дали ќе се направи реконструкцијата. За тоа се стручни докторите и тие одредуваат дали може да се направи или не, но битно е што сега постои таква можност. Сето ова барем малку ќе им го олесни буџетот, бидејќи без оглед што хемотерапијата и зрачењето се бесплатни, има многу трошоци.

Ние како здружение можеме само да иницираме некои промени но нашата моќ понекогаш тука и завршува. Се трудиме да им укажеме на релевантните институции на сите проблеми, да алармираме за да се поправи ситуацијата, укажуваме на дупките, на проблемите, со цел да се променат. Не може преку ноќ да се смени сѐ, но очекуваме системски пристап за решавање на проблемите со кои се соочуваат болните од рак.

Она што мене ме прави среќна е тоа што Борка има голем удел во менувањето на свеста кај сите граѓани на Република Македонија, па и кај институциите, направивме и сѐ уште ќе правиме добри дела и активности и се надеваме на слух од страна на институциите, затоа што без тоа, без спроведување во дела на работите што ги бараме, нашата работа нема поента“, завршува Биба.

[better-ads type='banner' banner='999' ]