Анксиозност кај децата кои следат настава на далечина

Намалувањето на социјалните интеракции кај децата се одразува на менталното здравје и може да е една од причините за развој на депресија и анксиозност.

0
135
Фото: Pexels

Пандемијата која започна во март минатата година донесе големи промени во нашите животи. Промените подразбираа изолација, карантин и адаптација на работните места и наставата во училиштата. Поради драстичните промени на секојдневното живеење  децата и младите се соочија со низа потешкотии. Училиштата ги затворија вратите последното тромесечје и наставата премина во настава на далечина со низа адаптации. За децата тоа стана новото нормално, а за некои тоа сè уште трае. Има училишта кои сè уште функционираат со онлајн настава и има ученици кои поради кревкото здравје останаа дома да следат настава на далечина.

Наставата на далечина покрај предноста која ја нуди како заштита на здравјето и намалување на трансмисијата на вирусот, истовремено влијае врз менталното здравје на учениците и родителите.

Како наставата на далечина влијае на менталното здравје на децата?

Примарната функција на училиштето е едукацијата, а секундарната е социјализација. Училиштата нудат можност за поврзување со врсниците, можност да припаѓаат на група врсници и да се поврзат со нив. Со почетокот на учењето на далечина учениците ги изгубија овие можности за секојдневно поврзување со врсниците, припаѓање и споделување. Намалувањето на социјалните интеракции кај децата се одразува на менталното здравје и може да е една од причините за развој на депресија и анксиозност.

Поради учењето на далечина најзасегнати се децата кои и претходно се соочуваа со нестабилност во семејството, семејно насилство и сиромаштија. Секојдневното присуство на настава за овие деца беше излез од кругот на насилството и сиромаштијата барем одреден период од денот, како и учење преку модел на возрасен-наставник.

Стресот на децата кои учат на далечина се одразува на цели семејства. Родителите не се секогаш во можност да им помогнат на своите деца поради тоа што истовремено извршуваат работни обврски или се соочуваат со  трауматски искуства врзани за болеста или смртта на некој близок.

Зголемување на стресот и анксиозност

Стравот е емоционална реакција на реална или перцепирана опасност, додека анксиозноста е очекување некоја опасност да се случи. Децата кои се соочуваат со анксиозност често кажуваат дека се загрижени дека нешто лошо ќе се случи во иднина. Анксиозноста е состојба која повеќето од нас ја доживеале во одреден период. Истата може да варира во интензитет и времетраење.

Анксиозноста е состојба која ја карактеризираат: загриженост, чувство на тензијa и физички сензации  (прекумерно потење, забрзано срцебиење, вртоглавици и трнење во рацете или нозете). Покрај тоа, се јавува намалена концентрација, тешкотии со заспивање и чувство на замор. Доколку таа состојба трае долго време, а притоа тешкотиите се интензивираат и истите го попречуваат оптималниот начин на функционирање и доживување на децата, можеме да кажеме дека станува збор за анксиозно нарушување.

Анксиозноста кај децата се зголемува кога има промени во околината и секојдневното функционирање. Како пример може да послужи анксиозноста која се јавува при тргнување во градинка или училиште. Изминатата година тригер за пораст на анксиозноста кај децата беше промената на секојдневното функционирање и страв поради опасноста од заболување од вирусот. Присуството на симптоми на анксиозност кај децата може да се забележи преку променето однесување и размислување. Симптомите на анксиозност кај децата најчесто се:

  • Загриженост и негативни мисли
  • Иритабилност и тензија
  • Проблеми со исхраната, од одбивање до прекумерно јадење
  • Пореметување на сонот, често будење и кошмарни соништа
  • Потешкотии со концентрацијата
  • Плачливост
  • Болки во стомакот без органска основа
  • Главоболки
  • Испади на бес
  • Несигурност во нови ситуации

Кај децата кои следат настава на далечина анксиозноста расте поради зголемувањето на стресот. Стрес предизвикуваат зголемувањето на училишните обврски и недостатокот на социјализација. Учениците може да развијат низа на симптоми поради неможноста да се справат со обемниот материјал, како и тешкотии со концентрацијата додека следат настава од дома. За некои деца зборувањето на камера пред сите други деца може да претставува голем стрес и да продуцира и паника. За време на настава на далечина намален е пристапот на користење на дополнителни часови и активности кои претходно им помагаа на децата во совладувањето на материјалот и постигнувањето подобар успех.

Поминувањето доста време пред екран ги изморува учениците и тие се соочуваат со намалена концентрација и презаситеност. Одредени истражувања потврдуваат дека  човековиот мозок поинаку ги обработува информациите примени преку екран, а поинаку во живо. Кога има настава со физичко присуство учениците се фокусираат на повеќе аспекти како: вербалните дразби, невербалната комуникација, просторот кој е секогаш ист и тоа им помага полесно да меморираат одредени информации.

Како родителите можат да им помогнат на децата кои се соочуваат со анксиозност

  • Еден од начините за помош е да ги научите децата да ги препознаваат симптомите на анксиозност како: прекумерно потење, испотени дланки, забрзано срцебиење, претерана плачливост.
  • Се препорачува разговор со детето кој би му помогнал да научи да препознае дали чувствува страв во врска со нешто или е загрижено дека нешто лошо ќе се случи.
  • Moжете да се обидете со техники за успорување на дишењето и одбројување на издишување и вдишување (број до 4 додека вдишуваш и број до 6 додека издишуваш)
  • Можете да побарате книги или филмови во кои се разработува темата анксиозност кај деца и стравови, па заедно да ги гледате и така да ја нормализирате состојбата на вашето дете.
  • Помогнете му на детето да нацрта како го замислува тоа што го доживува за потенцијално опасно и страшно (пр.јавно говорење, темница, домашно)
  • Укажувајте му на детето дека верувате во него и дека може да се избори и справи со тоа што го доживува
  • Доколку детето претходно се соочувало со ансксиозност потсетете го дека тоа поминало и дека добро се завршило
  • Може да го охрабрите да побара помош од вас или заедно да побарате помош од стручно лице.
  • Пожелно е да изградите секојдневни рутини како: време за учење, време за одмор, за опуштање, прошетка и сл.
  • Препорачливо е да создадете атмосфера во домот за учење и намалување на дистракции, како на пример звуци од телевизор. Кога ќе заврши наставата може да се исклучи компјутерот и следните неколку часа да помине без екран.

Препораките за училиштата кои ги предлагаат центрите за ментално здравје низ светот одат во насока на учење на „меки вештини“ (soft skills) во училиштата, за да се ублажат последиците по менталното здравје од наставата на далечина. Под терминот „меки вештини“ се подразбира учење вештини кои помагаат во личниот развој на ученикот, како на пример емпатија и емоционална интелигенција.

Надица Скепароска-Петковска, магистер на науки од областа на клиничка психологија (Психотерапевт од трансакциска анализа под супервизија)

[better-ads type='banner' banner='999' ]