АКТЕРКА, диџејка, пејачка, мајка…

Елизабета Клинчаревска Младеновска е професионална актерка со стотици претстави и улоги, но без матична театарска куќа. Сепак, не седи дома чекајќи некој да ја викне и да ѝ даде улога, туку постојано е на сцена, во детски, како и во претстави за возрасни, во филмови, но и како дел од екипата која ги синхронизира сериите на ТВ Сител. И да, таа е и диџејка, и пејачка и сопруга на Пеце Суперхикс и мајка на Никола и Маша.

0
1671

Таа е една од најубавите, талентирани актерки на македонската театарска сцена но, за жал, сѐ уште нема решение и своја матична куќа. Со Елизабета Клинчаревска Младеновска се договарававме за интервју цели две години. Од едноставна причина што таа преферира да седне ноќе, единственото време кога во нејзиниот дом владеат тишина и мир, и да одговори сконцентрирано на сите поставени прашања. Но на крајот, сепак излезе по мое, седнавме на кафе, муабетот беше долг, а времето летна.

„Секогаш сум била ноќна птица, и во средно, и на факултет, учев и спремав испити, а подоцна ноќе подготвував и сѐ уште подготвувам улоги, ноќе можам да се сконцентрирам најдобро, па дури и ноќе готвам јадење за наредниот ден. Имам темпераментни деца кои не ни успева да ги измориме, ниту мене, ниту на Пеце, иако си имаат активности и се преокупирани со нив во текот на денот, сепак дење нема многу можности човек да биде сам со себе, па ноќта е и понатаму мое време.

Никола е петто одделение, а Маша се подготвува за прво

Инаку, Никола е петто одделение и паралелно оди во нижо музичко училиште, на клавир и солфеж, а тренира и ракомет кај Андријана Будимир и 4 дена во неделата е сконцентриран на тоа. Два пати неделно му доаѓа учителка за математика, затоа што многу сака математика и самоиницијативно сака поопширно да работи, па веќе е спремен за материјалот за шесто. Не ги форсираме за ништо ниту него, ниту Маша, од нив произлегуваат идеите за тоа што сакаат да работат, а ние сме тука само за да ги поддржиме, да им помогнеме и да ги советуваме.

Важно е тоа што и двајцата сакаат да соработуваат со нас, да се консултираат, но ако пројават интерес за нешто, ние го правиме тоа. На пример, зимава Маша научи да борда, Никола да скија, повторно по нивна желба.

Маша има шест години и е копи-пејст од мене. Лани одеше во училиште за екпериментален, театарски танц, кај Рисима Рисимкин и многу бевме задоволни, но Маша е многу темпераментна и имаше потреба за конкретна кореографија и подинамични движења, па годинава решивме да оди на хип хоп. Оди во танцовото студио „Еурека“ и презадоволна е и Маша и ние.

Во мај планираме да се запише на солфеж, а и таа почна да пројавува интерес за клавир. И двајцата пак, пројавуваат интерес за гитара, па на Никола веќе му купивме електрична гитара и негов идол е Влатко Стефановски. Не ги пропушта неговите концерти, ги чита и ги гледа сите негови интервјуа, заспива со Влатко Стефановски, го обожава.

Се разбира, многу ги сака и Суперхикс, впрочем, сите ние сме фанови на Суперхикс и ги знаеме сите нивни песни, но Никола сепак е малку повеќе ориентиран кон џез, смут џез, можеби затоа го сака Влатко, додека пак Маша е повеќе на мене и на Пеце и сака реге, ска, рок. Инаку, Никола првпат го слушна и го виде Влатко пред две години кога настапуваше на џез-фестивалот во Банско. Уште истата вечер кога се прибравме после концертот, побара да му го пуштиме. Му пуштивме друг концерт на Влатко, мислам дека беше од Амфитеатарот во Охрид и долг период заспиваше со тој концерт.

Му кажав во една пригода на Влатко дека Никола е негов голем фан, иако ми предложи да се сретнеме некогаш на сокче „случајно“ со него, нивната средба се случи навистина случајно и спонтано. Купивме карта за концертот на Влатко со Филхармонија и Пеце требаше да оди со него. Бидејќи истиот ден имаше солфеж и клавир пред концертот, за да не доаѓаат дома, отишле во еден локал кој беше до средното музичко да им помине времето до концертот и таму ги пречекал Влатко. Се сликале заедно и сега таа фотографија стои врамена кај нас дома. Влатко му оставил многу добар впечаток, а му дал и неколку совети во врска со гитарата. Можеби ќе тргне по стапките на Влатко или на Симон Трчевски, бидејќи преубаво свири и на клавир и преубаво пее, но сѐ уште е мал, ќе видиме.

Важно ми е и двајцата да имаат музичка едукација зашто се талентирани и затоа што што и да бидат понатаму во животот, за било која професија и да се одлучат, секогаш ќе имаат занает плус ако се најдат и во најекстремни услови некаде во некоја држава кадешто можеби ќе студираат и ќе си вадат парче леб. Инаку, Маша многу сака глума, а сака да пее и во хор, но премногу е мала и не може да постигне, бидејќи тие хорови се премногу захтевни, но можеби еден ден ќе стане член на „Поточиња“ или на „Златно славејче“. Не сум од оние родители, кои велат дека актерството е лоша професија и дека не би сакала моите деца да бидат актери, јас би сакала да бидат тоа што тие сакаат да бидат и им посакувам само успех и да се реализираат на тоа поле кадешто најдобро ќе се чувствуваат.

Сега меѓу децата е хит да се јутјубери, па и Никола има свој канал, па дури и Маша, со тоа што нејзиниот не е јавен. Такашто, Никола е преокупиран со снимање видеа, па почна да пројавува режисерски талент, собира другари, им дели улоги, прават интересни скечеви интересни кои ги постира на неговиот канал. Маша пак се жали затоа што нема посетители и следбеници“, се смее Ели.

Во врска со дилемата на повеќето денешни родители, односно, односот на децата и технологијата, таа вели:

„Децата добиваат пребргу некои информации, има многу работи кои ги слушаат, а не знаат ни што се, затоа ние, родителите, треба да сме многу внимателни. Јас и Пеце им ја ограничивме употребата на три пати во денот кога имаат одреден кус период за поминување на интернет, а и самите активности кои ги имаат не им дозволуваат повеќе, но сепак, сега повеќе го ценат времето што го имаат и повеќе внимаваат на што ќе го потрошат“.

Деца и родители

Како и секоја мајка и Ели несвесно многу зборува за децата. А како и да не зборува, тие двајца се навистина преслатки и прединамични деца кои ги запознав токму пред две години, на тој џез-фестивал во Банско, кадешто Никола првпат го виде Влатко.

Динамичната Маша не застана, па мојот впечаток беше дека неа може да ја следи само мајка ѝ, која е и „одговорна“ за нејзиниот карактер. Никола беше повеќе покрај татко му, можеби и токму зашто некако традиционално, машките си сакаат машко друштво, а женските – женско, но на крајот од денот, на вечерните концерти сите заедно уживаат и забавуваа и сѐ што можеше да се види беше едно преубаво сплотено семејство, една весела дружина во која сепак се знае кој е „главен“ и точно се знае  кој е родител, а кој дете.

Но, освен мајка и сопруга, Ели е и актерка која иако сѐ уште не е вработена, па своите придонеси си ги плаќа сама, не седи дома кукајќи и чекајќи некој да ѝ се јави и да ѝ понуди улога, туку е постојано на сцена.

Иако голем број луѓе ја знаат како диџеј Раста и иако сѐ уште настапува на фестивали или на некои ивенти, вечери поврзана со музиката која ја пушта,  вели дека ѝ пречи тоа што некои од луѓето кои доаѓаат на тие настапи не знаат дека е актерка, а токму актерството е нејзината вистинска професија, нешто во што го вложила целиот свој живот, а диџејството е хоби.

„Не сум Ели раста диџеј, не, јас сум актерка. Сакам да ѝ се посветам на мојата професија, а во неа постојано има некаква борба, борба за влез во театар, за невработените, без решение, како мене, постојано треба да си присутен на премиери, да имаш контакти, да се бориш за улога… Јас пак незнам како се прави тоа, незнам да се улизувам, незнам како да ги шармирам луѓето од мојата фела кои одлучуваат кој каде ќе игра и кој каде ќе се вработи, но се трудам таму кадешто сум веќе ангажирана да бидам сконцентрирана на тоа што го работам и да го правам тоа најдобро што можам.

Во моментов играм детски претстави со театар со кој соработувам веќе 13 години, а тоа е театарот „Арт, вени, види“. Секако, станува збор за независна сцена, а работиме детски претстави и имаме репертоар во текот на целата година. Во моментов играме пет претстави кои се барани, „Принцезата Галена“, „Солта поскапа од злато“, „Снежната кралица“, „Црвенкапа“, „Верче Ѕверче Пумпарче“, „Здравко Заборавко“. Постојано сме барани, а играме во Салон 19,19 и во Драмски театар, а гостуваме и во градинките или во училиштата.

Оваа година за време на новогодишните празници имавме рекорд во Драмски театар и изигравме 20 претстави, дури по 8 претстави на ден и сите беа распродадени и се бараше карта повеќе.

Од година на година расте околу Нова година бројот на публиката, а тогаш дури и тие што немаат навика да одат во театар, решаваат да ги однесат децата на претстава, па мислам дека во овој период буквално го окупираме просторот на Драмски.

Затоа не е чудно што сум популарна кај детската публика.

Освен по претставите, децата ме препознаваат и по македонските народни приказни. Многу ја сакам детската публика, тие знаат кои улоги ги играм и се случува кога ќе одам приватно на некој фестивал со моите деца, по претставата да се сликаат со мене сите деца кои се присутни таму.

На Никола и на Маша им е тоа нормално, како што им е нормално да ме гледаат на сцена или пак да го гледаат татко им на бина. Не им е чудно, ниту се крева некоја фама околу тоа, веќе ни стануваат и критичари, дали е добро или лошо, дали треба нешто да се поправи во врска со тоа што го правиме.

Еднаш кога излезе албум на Суперхикс, Никола за една педна кога го преслушувавме рече: оваа песна сте можеле малку поинаку да ја направите, демек, подобро“, раскажува Ели.

„Инсистирам и не се откажувам“

Таа долг период се обидува да се вработи во некој од нашите театри, но очигледно, и тука ситуацијата е како и во сите други бранши, нема транспарентен пристап.

„Јас инсистирам да добијам работна позиција во некој од нашите театри. Не седам дома, не чекам конкурс за да почнам да глумам,  туку работам континуирано на независната сцена, и подготвена сум да влетам во кој било театар и да работам. Но досега секогаш беше исто, и сите веќе однапред знаеме кој ќе биде примен, а секој се плаши да се спротивстави. Време е тоа да престане, треба да има фер однос, бидејќи се насобравме многу невработени актери, а допрва доаѓаат и други кои треба да дипломираат. Јас незнам колку аудиции поминав, секогаш добивам пофалби. Обично се презентираат два монолога и треба да се покажат вокални способност, пеење, кореографија, во сите тие работи сум добра, но не е фер пристапот, нема транспарентност, а тоа не убива психички, бидејќи волјата и желбата за да конкурираш се намалува кога го знаеш исходот. Но не се откажувам, а имам страшна поддршка и од вработените колеги со кои соработувам на независна сцена и со кои синхронизирам.

Инаку, покрај детските претстави, ја враќаме на сцената и Централ парк на Вуди Ален, на театар 007, која ја игравме пред две години и за која има голем интерес. Сака продуцентот да направи една турнеја низ Македонија летово, а од октомври би требало да се најде на редовен репертоар во некој од нашите театри. И тука е иста ситуација, па од петте актери на сцена, само една актерка е вработена во театар“, вели Ели со горчлива насмевка.

Таа е горда и на својата улога во филмот на Јани Бојаџи –  „Ругање со Христос“, кадешто глуми Гркинка, а има сцени кадешто дури и се кара на грчки, иако претходно никогаш не збрувала грчки.

„Имам некоја луда среќа во сите македонски филови во кои глумам, да зборувам на друг јазик“, се смее Ели.

Синхронизации, турски и тинејџерски серии

Веќе десета година работи и синхронизации на серии, меѓу кои и на турски, но и на познати тинејџерски серии, едната во белгиска продукција – „Духови рокери“, а другата е италијанската „Мег и Бјанка“, и двете многу популарни во Европа.

„Италијанската серија ја добивме со англиска синхронизација па така ми е полесно, односно, кога синхрнизирам на јазик што го познавам, додека со турските е малку потешко бидејќи луѓето што ни ги преведуваат на македонски, не го познаваат најдобро македонскиот јазик и не се лектори, па ние кога синхронизираме мораме истовремено и сами да ги лекторираме. Сепак, имаме пофалби дека сето тоа звучи буквално како Турците да зборуваат на македонски. Јас ги синхронизирам речиси сите главни ликови од турските серии кои одат на ТВ Сител, на продукцијата на Бранко Попчевски, кој е апсолутен професионален и премногу го почитувам. Си ја работи работата перфектно и создаде успешен тим на актери и сниматели, па буквално може да се каже дека сме тим кој победува.

Најдраго ми е кога добивам пофалби од моите деца особено за една серија кадешто го читам главниот лик, но читам и споредни ликови кои се во конфликт со главниот лик, па се случува да треба истовремено, во еден ист здив да читам два карактери кои се во дијалог. Децата ги знаат сите мои состојби и добивам позитивна критика од нив дека сум непрепознатлива кога ги читам двата карактери во дијалог и дека апсолутно не се препознава дека е тоа глас на еден ист човек. И генерално, не ми се повторила истата боја на гласот од серија во серија или од филм во филм, исто како и кога станува збор за градење улога во театар, секогаш треба да си различен“, објаснува Ели.

Искрена е дека самата не ги гледа сериите кои ги синхронизира и дека ѝ се случува да ја среќаваат луѓе кои ги гледаат и да ја прашаат што ќе се случува до крајот на серијата, а таа едноставно не го знае одговорот.

Пеце, освен што е познат по Суперхикс, слушателите го знаат и по неговиот успешен проект „Пецетека“ на радио Урбан ФМ кој оди секој ден од 12 до 14 часот.

Емисијата е поврзана со актуелни настани и со гостувања, оди веќе 3-4 години е е вистинска медиумска поддршка за македонските артисти, но не и за Ели бидејќи таа едноставно не сака да го меша приватното со професиналното.

Па така, иако и првата нејзина песна „Јави се на фиксен“ ја направил токму Пеце, таа никогаш не пеела со Суперхикс ниту пак била дел од некој нивен спот. За својата пејачка кариера вели:

„Имам нова песна, но бидејќи бев сконцентрирана на актерството, немав желба за пеење. Имам договорено и снимање на спот. Станува збор за песна во ска стил. По успехот на мојата прва песна, се полакомив и почнав соработка со еден тим од Тетово, студиото Супер Нова, поточно, Гоце Симоновски и Соња Стевчевска, кои ми направија две песни, а за едната од нив – „Крај на сѐ“, снимав спот кога бев 9 месец трудна со Маша, па луѓето ме прашуваа дали во спотот сум била малку здебелена.

Неодамна излезе соработката со еден продуцент, рок поет и музички критичар од Белград – Милан Б. Поповиќ , кој има издадено две книги со рок поезија пишувани за време и по војната. Тој ми кажа дека на бендови и артисти од регионот им нуди да си одберат од неговата поезија и да преточат во песна.

Прво соработувал со метал бендови, а сега со реге, рок и рап бендови, а јас бев единствена од Македонија на која ова ѝ беше понудено. Ја одбрав песната „Време на безграница“ и со тимот од Тетово ја снимивме песната на српски, на Милан Б. Поповиќ многу му се допадна, а во меѓувреме ние ја снимивме и на македонски. Ја испратив на негово барање во продукцијата и бидејќи многу им се допаднала решиле на едно ЦД да ја стават српската, а на друго македонската верзија  и песната се слушаше низ цел Балкан и доби многу добри критики. Но кај нас тоа не беше одбележано“, вели Ели.

Готвење, чистење,…

И покрај сиот овој ангажман за кој зборувавме со неа, при што очигледно беше дека се воздржува од набројувањето на сѐ што работи, изненадувачки е што стасува да ги заврши и домашните обврски, но таа појаснува:

„Кај нас домашните обврски не се расределени туку ги правиме кој што ќе стигне, а распределбата се случува спонтано, во зависност од тоа кој е послободен во моментот.

Кога сум јас позафатена со свои обврски, некако премолчено Пеце ја презема обврска да купува и да готви и само ме информира дека имаме ручек, и обратно. Јас сум мајка и сопруга и се подразбира дека како обврска си го земам тоа да имаме дома ручек, да биде исчистено, и слично, но секако не сум обврзана, па понекогаш кога сме и двајцата зафатени купуваме нешто готово. Иако не сме традиционалисто во смисол кога ќе седнеме на ручек да имаме сѐ, од супа до салата, но се обидуваме да се храниме здраво.

Децата се малку проблематични, иако кога станува збор за Маша, тоа во одделни случаи ме радува бидејќи таа, што е многу чудно, не јаде пица, но не јаде ни спанаќ, брокула или туна, ама затоа јаде готвена храна и омилени ѝ се гравче, леќа, компир-манџа. Никола пак е гурман за тесто, сака пастрмајлии, пици, лиснато тесто, но пред сѐ, кинеска храна, па често го посетуваме кинескиот ресторан. Јас и Пеце пак сме на протеинска исхрана, на пример, за ручек секогаш имаме месо или печурки и зеленчук. Пеце не појадува, а мене, бидејќи сум на хроно режим, појадокот ми е најважниот оброк.

Инаку, готвам уште од мала, често мојот помал брат ми даваше идеи, а јас ги реализирав па омилено јадење тогаш ни беше една специјална кајгана која ја правевме со јајца и со сѐ друго што имаше во фрижидерот. Го викавме мексикански појадок. И додека студирав во Софија, си готвев сама за себе, а пред да се земеме со Пеце, живеевме извесен период заедно и готвевме и двајцата, бидејќи и тој е мераклија. За  среќа, усогласени сме со вкусовите, освен што јас не сакам многу риба и не јадам јагнешко“, раскажува Ели.

Таа, Пеце, Никола и Маша се усогласени и за многу други нешта, а она што најмногу ги врзува сите четворица, освен меѓусебната љубов, е љуовта кон патувањата, и секако, музиката. Па не нѐ изненадува информацијата дека четворицата дома честопати си прават и своја приватна журка. Едноставно, секој зема по некој инструмент, се вклучуваат звучниците и домот ечи ли ечи. Но никому не му пречи ваква доза на семејна радост, нели?

[better-ads type='banner' banner='999' ]