Забните фасетки или винири се тенки лушпички кои се лепат на забната површина со цел да се направи корекција на бојата и формата на забите. Исто така, можат да се направат и одредени корекции во положбата на забите, покривање на поголеми пломби, корекција на дијастеми (поголем простор меѓу забите) итн. Ова е најнеинванзивниот начин со чија помош може да се дојде до холивудска насмевка. Се состругува многу мал дел од забот (1-2 мм) и се поставуваат фасетките.
Постојат три типа фасетки.
Композитните фасетки се направени од композит, материјал од кој се направени поголем дел од фабричките фасетки, се избира готова боја и форма и веднаш се лепат.
Порцеланските фасетки се изработуваат од многу тенок порцелан. Прво се состругува површината на забот, се зема отпечаток и се праќа во забна техника. Во втората посета се лепат фасетките на претходно подготвената површина со лепаци специјални за таа намена.
Третата група фасетки се NO PREP фасетките кои имаат многу ограничени индикации за поставување. Тие се многу тенки и се лепат на површината на забот без претходно да се оштетува глеѓта. Најчесто се комбинираат со други типови фасетки.
Забните фасетки не можат да заменат изгубен заб. Во тој случај се поставуваат импланти или забни мостови. Важно е да се напомене ако бојата на забите кај пациентот е доста потемна, во тој случај прво е потребно да се изврши белење на забите, затоа што тенките лушпи се транспарентни и тоа може да го наруши естетскиот момент.
Со текот на времето пушењето, пиењето кафе и вино можат да ја променат нивната боја. Не постои начин со кој можат да се обелат фасетките.
Со правилно планирање и прецизна изработка, фасетките можат да се користат до неколку години. За да се продолжи нивниот век посебно треба да се обрне внимание на тврдината на намирниците што се конзумираат.
Пишува:
Јасмина Трајковска Пети