Секој што ќе рече дека бременоста, уште повеќе породувањето, не влијаат на сексуалниот живот – лаже! Повеќето жени по доаѓањето на бебето ја губат желбата за секс, што најчесто е поврзано со новите обврски кои доаѓаат со детето, но и со губитокот на самодовербата, што е последица на линијата која ја имале пред бременоста.
Сепак, многу е битно сексот со партнерот да не се запостави, бидејќи токму поради тоа „паѓаат“ многу двојки. Ако сакате да го сочувате бракот, позанимавајте се со овие прашања.
ПОДЕЛЕТЕ ЈА ГРИЖАТА ОКОЛУ ДЕТЕТО
Мајката е таа која го дои бебето (тука таткото не може никако да помогне, освен да и го подаде бебето). Детето од нас мами насмевка, нежност, љубов и чувство на среќа и задоволство. Тој однос толку исполнува така што изгледа дека на мајката не и е потребно ништо друго на светот освен близината и љубовта на нејзиното дете, што може да направи нејзиниот партнер да се почувствува како вишок.
Меѓутоа, поврзаноста на мајката за бебето може да биде претерана и да доведе до тоа детето во текот на своето растење да стекне впечаток дека тоа е одговорно за мајчината среќа, што никако не е добро за неговиот развој и за нивниот иден однос. Затоа, важно е мајката поддршката, љубовта и нежноста да ја бара и понатаму во својот партнер.
Наједноставен начин да се одржи нежноста меѓу партнерите, а воедно да се оствари односот на нежност помеѓу родителот и детето, е родителите заеднички да учествуваат во галењето со детето. Таткото може да биде присутен додека мајката го дои и да и пружа поддршка со топол допир, глас, милување и слично. Детето за тоа време ќе ја почувствува љубовта на родителите, нежноста која е упатена кон него, но и мирисот и на мајката и на таткото кој му дава чувство на сигурност. Ако таткото не биде вклучен во милувањето и ритуалите на мајката и детето, ќе се чувствува запоставено и исклучено, па ќе и префрлува на жените што станала само мајка, што не е никако добро за односот.
И ДОПИРОТ МОЖЕ ДА БИДЕ СЕКСУАЛЕН
Нормално е мајката по породувањето во првите месеци да биде исцрпена, ненаспиена, можеби и во болки, па поради тоа да нема никаква сексуална желба. Сепак, по извесно време таа желба треба да почне да се јавува, ако партнерите и понатаму го негуваат односот кој го имале пред раѓањето на детето.
За почеток не мора да станува збор за сексуален однос, туку за размена на нежности, допири, поддршка, галање и слично. Важно е и понатаму да го гледате партнерот како личност со која сте сакале да го зачнете детето кое се родило. Тоа е плод на вашата љубов и важно е во него заеднички да уживате, да ги делите своите мисли и чувства кон детето, заеднички да го запознавате, да создавате однос со него и да му се восхитувате на тоа мало прекрасно суштество.
ПРАШАЊЕ НА ИДЕНТИТЕТОТ
Сексуалните односи по раѓањето на детето не се само прашање на сексуалност, туку и на личен идентитет. Ако еден со друг се доживувате исклучиво низ улогата на „мајка и татко“, секако дека нема да се чувствувате сексуално. Важно е и понатаму да останете првенствено она што всушност и сте – маж и жена, а тогаш да ја преземете и новата улога која сте ја добиле.
Тоа подразбира да пронајдете време за себе и да го поминете онака како што вам ви одговара. Понекогаш ќе посакате да бидете сами, а понекогаш со партнерот.
Ако детето е центар на вашиот партнерски однос и во меѓусебната комуникација сте исклучиво родители, а не љубовни и еротски партнери, вашиот однос е осуден на пропаст, ако не дојде до промени. Важно е партнерите да го градат својот однос и да се посветат на нежностите и сексуалното зближување.
Раѓањето на детето може се да крене на едно повисоко ниво и односот меѓу мајката и таткото да го направи уште подлабок и поубвав,
Целата одговорност тоа да се случи се наоѓа во рацете на двајцата партнери и се постигнува со искрена и отворена комуникација.