Замуцкувањето најчесто се јавува во возрасната група деца од 2 до 5 години. Децата имаат потешкотии во говорот (вклучувјќи и замуцкување, петелчење) најчесто повторуваат некои секвенци од зборови, прескокнуваат одредени фрази или зборови. Пелтечењето е форма на нарушување на течното говорење. Некои од главните причини за оваа појава може да бидат:
постоење на ист проблем кај родителите (докажано е дека шансите детето да замуцкува се многу поголеми доколку некој од родителите има потешкотии во говорот);
недостиг на самодоверба или емоционални проблеми кај детето, во одреден период, може да бидат една од причините;
некои деца замуцкуваат при стрес, возбуда или вознемиреност;
замуцкувањето е поврзано со мозочните активности кои се одговорни за говорните функции.
Во однос на третманот на оваа состојба, треба да се напомене дека во најголем број случаи, таа се надминува спонтано со растењето и созревањето на детето. На родителите им се препорачува да бидат внимателни и стрпливи со детето, да му зборуваат разговетно и побавно во тој период, да го наградуваат за неговите постигнувања, да го успокоите доколку е возбудено или вознемирено. Важно е да не го прекинувате додека зборува и потрудете се повеќе да се дружите и да комуницирате со него. Почитувајќи ги овие совети, би требало оваа појава да се надмине за одреден временски период, но доколку забележите дека состојбата се влошува или дека детето има голем напор при зборувањето, секако дека е потребно да консултирате логопед или детски психолог.
Прим. д-р Марина Поп-Лазарова