Со претставата „Четири годишни времиња“ на BUDRUGANA GAGRA на Државниот театар од Тблиси, Грузија, во понеделник, на 21 ноември почнува интернационалниот детски фестивал „Сонот на облачето“. Авантурите на едно мече низ природните промени од пролетта до зимата се одиграни само со сенки со раце од страна на 10 актери, со што публиката ќе има можност да ужива во префинетата мелодична стилистика.
Програмата на фестивалот вклучува претстави од Грузија, Шпанија, Грција и Македонија, 2 работилници за сенки, уметнички инсталации и по некое изненадување.
Во вторник на 22-ри ноември Театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ од Македонија ќе одржи креативна работилница за театар на сенки, каде сите учесници ќе се запознаат со изработката на кукли и играта на платно истражувајки ги ликовите од басните на Езоп. Веднаш потоа Театарот FOSTIRES од Грција со претставата “Сенките на Езоп” вешто ќе ги расплетка ликовите од мудрите басни со своите сенки во боја на сцената Фросина.
Во среда на 23-ти ноември на последниот ден од програмата на фестивалот “Сонот на облачeто” ќе бидат прикажани две претстави. Први се НАШ МАЛ ТЕАТАР од Македонија кои со претставата „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ ќе ја одведат публиката на Портокаловата Планета.
Фестивалот ќе биде затворен со претставата “Бубачки”, која ќе произлезе од дводневната работилниица за театар на сенки предводена од актерите на TEATRES DE LA LLUM Театарот од Шпанија. 20 дечиња ќе ја имаат несекојдневната можност да бидат дел од креативниот процес на создавање на една претстава како и нејзиното прикажување пред публиката во МКЦ.
Како и секоја година, пријатниот простор во фоајето на сцената Фросина за време на фестивалот ќе биде дом на Изложбата на лампи со сенки, рачно изработени од неколку локални уметници кои решија да сонуваат во боја.
“Сонот на облачето” е фестивал кој децата, како најискрена публика, ги доближува до суштинското значење на уметноста наречена театар, а тоа е постојаната игра на тенката линија помеѓу реалноста и имагинацијата. Можноста за запознавање и со техничката реализација на оваа уникатна форма, ја вметнува задолжителната нота на едукативни елементи кога станува збор за правилен раст и развој на најмладите. Темите на претставите зборуваат за традиции, културни вредности но и добро познати ликови и приказни. Фестивалот во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС Детско Село, Трисомија 21, децата од Шутка центарот, а годинава таа можност ќе ја имаат и децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци.
Организатор на фестивалот е Здружението „Сенки и Облаци“ од Скопје, кое со поддршка од Министерството за култура на Р.М., градот Скопје и Младинскиот културен центар во Скопје по четврти пат ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во магијата на театарските претстави со сенки.