Го објавуваме во целост писмото на мајка чие дете има дијабетес тип 1:
Светски ден на борба со дијабетесот, 14-ти ноември! Ете и кај нас се „одбележа“ – се мереше и тоа јавно, гликемија (непознато дали и со оние „кинезите“ – бофл глукомери набавени од „дил ориентид“ Министерството за НЕздравство на РМ)!
Импозантно одбележување, нели? Сега сите овдешни над 150.000 (и со букви – над сто и педесет илјади) дијабетичари можат од ваквата скрб да бидат спокојни: не се секирајте – државата, институциите, лекарската фела, јавноста, будно бдеат и се грижат за вашиот дијабетес, така што бидете сигурни – секојдневната наша борба со дијабетесот ќе се промени! Додуше, на полошо!
Па добога луѓе – што дијабетесот би бил исклучок во генералното распаѓање на здравствениот систем? Традиција е во прашање, традиција на системско, колку брутално уште повеќе и вулгарно упропастување на јавното здравје и здравство целосно подредено пред клиентелистичките и други мафијашки интереси кои се наметнаа како приоритет пар екселанс во лекувањето на македонското граѓанство. Зошто, во тој поглед, дијабетесот би бил исклучок, особено што е податлив за печалење, онака маргинализиран, без ничиј фокус, освен на оние што мора да го живеат!?
Еве земете го само тендерскиот тренд во набавката на терапија и помагала за дијабетесот. Чекор по чекор инсулинските аналози (поквалитетните инсулини) од година во година, се повеќе и повеќе се заменуваат со хуманите инсулини (постара генерација, понеквалитетните). Значи ако во еден период на нашите дијабетичари (до пред 2-3 години поточно) им се нуделе 85% инсулински аналози, сега тој процент е намален на дури 55%, значи за цели триесет проценти. Понекој пат се прашувам – како мајка на дете со дијабетес: дали на пример, онаа циркузијада од споменици низ главниот град се повисок национален интерес од децата со дијабетесот – околу 600 со тип1 (инсулин-зависни) на возраст до 14 години!? Секако и останатите инсулин-зависни дијабетичари во држава, а повеќе од 20.000?
И за да реформата наназад во „борбата“ против дијабетесот или посликовито – слегувањето од коњи на магариња, биде доследна во својата суштина („дил ориентед“), денес во Македонија секоја, ама баш секоја фирмица регистрирана за трговија со лекови може да биде „победник“ на тендер за набавка на инсулин, на тој толку важен лек-хормон од којшто зависи животот на дијабетичарите. А притоа – внимавајте добро – без да исполнува НИКАКВИ СТАНДАРДИ за квалитет на лекот што го продава на државата, односно на неговите корисници дијабетичарите! Така е од 2014-та година наваму.
Значи, уште еднаш да повторам, добитникот или добитниците на тендерот немаат обврски да дадат на увид каков било извештај за увезените серии на инсулини до неговиот производител, односно производителот, што е логично во таква ситуација, не може да гарантира за неговиот „квалитет“. Всушност, никој ништо не гарантира – народски да си кажеме. Нема потекло (од каде е набавката), нема следење на увезените серии, а што е најстрашно нема отчетност за тоа од каде точно и на кој начин се транспортираат инсулините ( дали дошло до кај нас: по пропис или со фургончиња, камиончиња, на магариња, и дали дистрибуцијата го запазила т.н. ладен ланец на транспорт на инсулините?).
И доколку, не дај Боже, се случи некоја серија да е „проблематична“ само Оној Горе може да им помогне на дијабетичарите кои и досега за изминативе две години милион пати алармираа за проблемите со квалитетот на набавените инсулини но, попусто. Конечно, ноторниот факт дека Министерството за НЕздравство при последниот неодамнешен тендер го избриша и условот за доставување изјава од производителот на инсулин за редовност во испораката, јасно сугерира дека при недостиг на инсулин онаму од каде што се увезува ќе значи дека увозникот ќе има проблем со редовно снабдување со инсулин, бидејќи производителите се практично ослободени од таквата облигација. А тоа во превод се вика – криза во снабдување, т.е. недостиг на инсулин што се разбира единствено ќе биде на штета на дијабетичарите. Со овој недостиг, и не само на инсулини туку и останатите помагала: игли, ленти и глукомери за ТОЧНО мерење на шеќер во крвта, глукагон – хормон за прва помош со кој дијабетичарите се будат од хипогликемична кома, и онака веќе се соочуваме, а пред две години веќе пребродивме и една инсулинска криза. Овде само би додала: за нас дијабетичарите – инсулинот значи живот. Ќе кризираме ли повторно?
Всушност, третманот на дијабетесот од страна на надлежните инстанци во последниве две години, а со епилогот на последниов тендер – така ќе биде и во наредните две, не претставува ништо друго до бесрамно намалување на изгледите на дијабетичарите да водат нормален живот. Ова што сега се случува во Македонија во делот на дијабетесот не е само минимизирање туку и загрозување на здравјето на лицата на дијабетес – и тој факт, ама ниту еден демант или безочна лага на Министерството за НЕздравство не можат да го анулираат.
Веројатно организирано, заедно со молкот на лекарската фела (особено оние кои работат во сферата на дијабетесот) и летаргијата или апатијата или корупцијата на дел од здруженијата на дијабетичари, обилно користејќи ги пропагандните повраќаници на мнозинството „медиуми“, надлежните институции за неколку години нѐ вратија пола век назад со тенденција до 2018 да се вратиме во почетокот на 20-тиот век.
Во ваквите околности дијабетичарите – таа огромна маса луѓе со реален, но не и непремостлив проблем за нормално живеење, мора сами да ја преземат во раце својата судбина. Тоа, буквално, е прашање на живот за дијабетичарите. Секоја индивидуа-дијабетичар, мора да биде свесна дека дијабетесот е состојба која можеби сѐ уште не може да се излечи, но може да се надмине, нејзините опасни последици да се минимизираат на поднослив минимум, животот да тече нормално, идеите, надежите, потенцијалите да се реализираат. Секој има право на живот, а кога е оставен сам на себе, природно е да не се предаде туку уште посилно да се бори за да преживее. Дијабетичарите мора да трагаат, да се обучуваат, да се информираат – оти светот таму надвор не мирува. Погледнете само по сајтовите на националните и други здруженија на дијабетичари во Хрватска, Словенија, Бугарија, или пак во Германија и во другите западноевропски земји, и ќе сфатите дека тие одат напред а ние се враќаме во каменото време.
Во името на животот на нашите најмили ние сме должни да почнеме да стануваме луѓе, самосвесни, љубопитни, агилни, креативни. Не можеме да очекуваме спас од сите оние кои ја предадоа и ја продадоа шансата за нормален живот на дијабетичарите. Затоа здруженијата на дијабетичари во Македонија мора програмски да се реобноват и да се обединат во моќен сојуз кој ќе ја сомеле мафијашско-политичката и коруптивно-клиентелистичка спрега чие што делување го загрозува здравјето и животот на дијабетичарите во Македонија.
Обединети, непоткупливи, доследни и иновативни треба да станеме единствениот фактор кој ќе одлучува за нашето здравје.
Драги мои пријатели, без координирана и организирана работа и борба на полето на дијабетесот, прогнозите (знам дека читате и се информирате) се и повеќе од песимистички. За наше добро и доброто на нашите ближни, да делуваме.
Со почит,
Наташа Деспотовска Димитриевска, родител на дете со дијабетес
Член на Здружението за заштита и едукација на дијабетичари „Був“