Првпат Македонија денеска, со протестот на стотина луѓе попладнево пред Собранието, го одбележа 25 Април – Светскиот ден за борба против родителско оттуѓување.
– Наши отуѓени деца, ве сакаме, ве гушкаме и ве бакнуваме – порачаа нивните родители и роднини од пред Собранието, организирани преку граѓанската иницијатива за заедничко и одговорно родителство по развод.
Тие денеска до Собранието на Република Македонија и до Парламентот доставија барање за измена на законот за семејство и итно менување на досегашната пракса.
Нивните барања се:
Двајцата родители да се еднакво одговорни за децата, независно од нивниот брачен статус. Времето и обврск8ите околу децата да се поделени рамноправно или приближно рамноправно.
Видувањата со двајцата родители треба да се целосно или приближно рамноправни, законски определени и гарантирани.
Бараат и воведување на семејни извршители кои ќе се погрижат за спроведување на решенијата. Воведување на казни за нивно непочитување, да се забрани изнесување на деца до 14.годишна возраст во странство на период подолг од 30 дена, доколку за тоа не постои согласнот од двајцата родители.
Докажаните лажни пријави за физичко и други други типови на насилство, педофилија или други форми на злоставување да бидат основа за одземање на родителското право на родителот кој лажно пријавил.
Прогласување на родителското оттуѓување (дефинирано како влијание од страна на едниот родител за детето да го отфрли другиот родител) за форма на детска злоупотреба и соодветно законско третирање на таквата злоупотреба.
Во контекст на барањето за забрана за изнесување надвор од државата на децата до 14 годишна возраст подолго од 30 дена, се обрати и професорот Атанас Илиев кој ја раскажа својата судбина.
„Јас не сум го видел моето дете 7 години. Мојата Лилка е грабната и однесена во Шабац, Србија во 2011 година со изговор дека оди да ги посети своите роднини. Оваа т.н. посета се претвори во грабнување на детето, проследено со понижувачки недостојно мал контакт со моето девојче. Последен пат ја слушнав во август 2017.година за нејзиниот роденден, со коментар на мајката „Ах тој проклет вибер!“, а последната порака ја разменивме во ноември 2017.кога Лилка побара информации за нејзиното семејно стебло во Македонија“.
Илиев порача дека сепак верува во правдата и дека мора да има правда за него и за неговото дете кое седум години е оттуѓено од него и од најблиските во Македонија.
„Лилке, ти ја подарувам сета моја љубов и сите мои фотографии се посветени на тебе!. Те сакам, те гушкам и те бакнувам“, се обрати Илиев.
Иницијативата доби поддршка и од сродните граѓански здруженија во Загреб и во Белград кои имаа директно вклучување преку скајп на вечерашниот настан пред Собранието кадешто се собраа околу 150 родители и роднини, баби и дедовци, поддржувачи на Иницијативата за заедничко и рамноправно родителство и после развод.