Во Македониија на 21 мај 2016 (сабота), Здружението на лекари по општа и семејна медицина, член на WONCA а во соработка со Асоцијацијата за хипертензија на Македонија од 11 до 14 часот пред споменикот на Мајка Тереза на ул. Македонија ќе одржи настан по повод Светскиот ден на семејниот лекар.
Под мотото: „Дали го знаеш твојот број?“ ќе се врши бесплатно мерење на крвниот пристисок со делење совети и брошури од стручни лица. Во исто време на овој настан ќе се одбележи и Светскиот ден на хипертензија, 17 мај, со поддршка на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на Република Македонија.
Денеска има повеќе од 280 специјалисти по семејна медицина во земјава. Семејната медицина е најдобриот начин да се подобри здравјето на поединецот, семејството и заедницата. Постојат многу докази дека здравствените системи базирани на јака примарна заштита, што вклучува силна семејна медицина, се најефикасни, праведни и трошоците се најмали. Секое семејство треба да има семеен лекар на кој му верува секој член од семејството за здравствена грижа и совет.
Светскиот ден на семејниот лекар, 19 мај, прв пат објавен во 2010 година од страна на WONCA (Светско здружение на семејните лекари), стана ден кој ја истакнува улогата и придонесот на семејните лекари во здравствените системи во целиот свет. Овој глобален настан станува сѐ популарен од година на година и е одлична можност за признание на централната улога што ја имаат семејните лекари во давањето лична, сеопфатна и континуирана грижа на сите свои пациенти.