Домашните миленици се дел од семејството за повеќето луѓе, но треба да се има на ум дека можат да бидат извор на болести, предупредуваат германските стручњаци.
За да се избегнат непотребни здравствени ризици не треба да се претерува во изразите на нежност кон четириножните миленици а тоа посебно се однесува на децата со послаб имунитет. Животните не треба да се бакнуваат, а откако ќе ги погалите треба редовно и темелни да ги измиете рацете.
Здравствени ризици од милениците се пред се, повредите – особено гризнувањата, алергиите и заразните болести.
Иако некои земји, како Германија, имаат програми за пријавување на заразни болести, не се наоѓа секогаш изворот на зараза.
Обично не е јасно дали станува збор за тоа дали пациентот го заразило друго лице, животно или храна, вели Хендрик Вилкинг, ветеринар на институтот Роберт Кох кој е одговорен за контрола и превенција на болестите.
Најопасната зараза во Германија која можете да ја добиете од домашните миленици е паразитот Toxoplasma gondii, вели Вилкинг.
„Заразата може да предизвика многу сериозни компликации кај луѓето чиј систем за имунитет е ослабен“, вели тој.
Болеста токсоплазмоза која се појавува како последица од заразата со овој паразит има симптоми слични на оние на грипот. Мачките се домаќини на паразитот и луѓето можат да се заразат директно од мачките или јадејќи месо заразено со паразитот.
Жените кои ќе се заразат на почеток од бременоста можат да ја пренесат инфекцијата на бебето.
Според истражувањето на институтот секоја година повеќе од 4000 трудници во Германија се заразуват со паразитот и повеќе од 300 деца се раѓаат со клинички симптоми на токсоплазма.
„Тие симптоми вклучуваат невролошки оштетувања“, истакнува Вилкинг. „Трудниците мораат да се придржуваат до хигиенските мерки во близина на мачките“.
Друго истражување на институтот утврдило дека мачка во домот значи зголемување на ризикот за лајмска борелиоза, болест која ја пренесуваат крлежите.
„Мачката која има крлежи може да ги пренесе на луѓето додека ја галат“, вели Вилкинг.
Дали тоа значи дека луѓето не треба да држат миленици за да бидат безбедни?
„Секако дека не“, вели Вилкинг наведувајќи бројни истражувања кои покажуваат дека домашните миленици се благотворни за здравјето на нивните сопственици кои се позадоволни со своите животи од оние кои живеат без миленици, повеќе се движат и имаат повеќе социјални контакти.
Додека заедничкиот живот со кучињата и мачките е обичај кои трае со иладници години, чувањето на егзотични рептили е модерно дури во изминатите неколку децении. Последица од тоа е пораст на заразите со салмонела кај децата затоа што повеќето змии и гуштери ги отфрлаат тие бактерии во изметот. Заразата со салмонела може да предизвика тешки проливи.
„Рептилите не треба да се чуваат во детските соби, купатилата, а особено не во кујните“, вели Френк Мутшмен, ветеринар од Берлин.
Глодарите не претставуваат сериозен здравствен ризик, вели Максимилиан Реушел, научник од универзитетот во Хановер.
Но зајците миожат да пренесат инфекции од горниот дел на системот за дишење предизвикани од бактеријата Pasteurellom multocids. Хрчаците се често заразени со тропски стаорски грињи чии гризнувања можат да предизвикаат црвенкасти гнојни чворчиња кај човекот.